Cybersecurity Interviews

Драган Давидовиќ: Со Kaspersky ИТ безбедносните решенија сте секогаш чекор пред потенцијалните опасности

Интернетот е од суштинско значење за функционирање на скоро секој сегмент од животот, но исто така може да биде и најголемата закана, со невидени последици. Опасноста од сајбер нападите е секојдневие за секое физичко лице, компанија или институција која сака да е во тренд со модерните технолошки предности на денешницата. Заштитата на интернет е широко распространета во која многу се инвестира во светот, како и кај нас. Kaspersky е компанија која постои од 1997 година и е присутна на македонскиот пазар скоро две децении, преку својот Платинум партнер Кабтел, со кој измината недела го организираа Kaspersky Security Enterprise Day 2019 во Скопје. За предностите на производите од портфолиото на Kaspersky разговаравме со Драган Давидовиќ, Kaspersky Channel Sales Manager за Југоисточна Европа.  

Разговараше – Сања Наумовска

Ве молиме накратко за вашата компанија:

Kaspersky е компанија што постои од 1997 година. Таа е во сопственост на Eugene Kaspersky. Ние сме трета компанија во светот по ИТ безбедност по големина, но единствена компанија во сопственост на едно лице. Како што милуваме да кажеме, безбедноста е во нашата ДНК, фокусот на нашата  работа е насочен кон безбедноста. Една третина од компанијата е оддел R&D, односно луѓето кои ги креираат нашето портфолио, а другите две третини се поддршка.

Вашата компанија е единствена компанија во сопственост на една личност, што е она што Ве издвојува од конкуренцијата?

Во Kaspersky се потпираме на нашите сопствени ресурси, експертиза и искуство стекнато во текот на 22 годишниот развој на производи и услуги, и нормално, не доаѓаме до нови производи преку аквизиција. Ова не значи само подобра интеграција на сите компоненти на нашите решенија, туку и нивна функционална заокруженост. Овој пристап им овозможи на нашите решенија традиционално да се рангираат на највисоките позиции. Само годинава, на 73 од 88 независни тестови, го освоивме првото место, а во преостанатите тестирања, првите три.

Г-дин Давидовиќ, современиот начин на живот и бизнис ги прават луѓето и компаниите многу ранливи, потенцијални жртви на многу напади, затоа ИТ безбедноста е најважна во секојдневниот живот и работата. Кои се вашите искуства?

Живееме во времиња различни од начинот на кој живеевме пред дваесетина години. Денес, нема повеќе зони кои не се област на интерес за хакерите, за луѓето кои имаат за цел да остварат профит, затоа што во позадината на секој напад е профит. Дали тие можат да добијат 5 евра од индивидуа, или 5 милиони евра од компанија, е само прашање кој ќе нападне, односно од тоа кој ќе се фокусира и на кој дел. Значи, сите ние сме под ризик, така што сите мораме да бидеме свесни дека сме се потенцијална цел и мораме да се однесуваме одговорно и да се грижиме за своите лични информации, но исто така и да бидеме соодветно заштитени. Речиси е правило дека штетите што може да бидат предизвикана од сајбер нападите се секогаш драстично поголеми од трошоците за заштитата која е потребна да се имплементира.

Дали компаниите се свесни за овие ризици и дали се подготвени да инвестираат во нивната безбедност?

Ситуацијата се измени многу во последните десетина години. Пред десет години, на Балканот, или во Југоисточна Европа, која ја покривам како Channel Sales Manager (поранешна Југославија, Албанија, Грција и Кипар), ситуацијата беше навистина критична, иако нападите не беа толку софистицирани како што се денес. Сè се менува, се подобрува. Сепак, ние го надминавме времето кога фокусот на безбедноста беше на endpoint решенијата, а компаниите треба да разберат дека крајните точки се само една од слабите точки. Кај напредните напади, таргетирани кон одредени клиенти, безбедноста на крајната точка не е доволна. Критичната инфраструктура на државите, владите, електроиндустриите, инфраструктурата од било кој вид, се под голем ризик, затоа што заштитата на нивните крајни точки не е доволна. За да се заштитат, тие треба да обезбедат дополнителен слој на заштита, фокусирана и направена соодветно на нивната дејност и кон ризиците специфични за истата.

На какви видови на напади компаниите се најмногу се изложени?

Најчестите напади што се присутни во овој регион се со цел за брз профит. Брзата заработка вклучува напади од типот на ransomware. На пример, ако ви го заклучат вашиот компјутер, треба да платите одредена сума пари за да ви го отклучат, а прашање е и дали ќе ви биде отклучен после уплатата. Тоа е најлесниот начин за ние кои се занимаваат со ваков вид на криминал да заработат пари, но тоа не е единствениот периметар на нападите. Секој клиент треба одделно да дефинира кои се можните вектори на напад кон него и да обезбеди соодветна заштита. Значи не е исто. Постојат напади врз агенции или компании, кои не се секогаш од финансиски интереси. Од овие причини, Kaspersky ги предвидува сите можности за напад за секој клиент, било да се работи за физички лица, компании или институции, но и која е најсоодветната заштита од нив.

Дали се планираат доволно средства во буџети за ИТ безбедност во компаните во регионот и колку се доволни? Колку се разликуваат од оние на развиените пазари?

Ние на Балканот сè уште не сме доволно зрел пазар, кој целосно ја разбра големината и опсегот  на овие ризици, но напредок дефинитивно има. Обично мислиме дека опасноста е некаде далеку и дека веројатно ќе се случи некому друг, а откако ќе се случи, доцна е да се направи нешто. Се разбира, морам да признаам дека не сме на европско ниво, каскаме на многу полиња, но сепак чекориме, ќе стасаме, иако многу нешта треба да унапредиме.

Иако Kaspersky има широко портфолио за сите сегменти на пазарот, ние постојано работиме на нови решенија. Ги покриваме потребите на домаќинствата, деловните корисници, претпријатијата, институциите, критичните инфраструктури, како и владите. Сепак, како што реков на почетокот, безбедноста е во нашата ДНК. На пример, нашето последно решение е Kaspersky AntiDrone, кое нуди специфична заштита од напади со дронови, потоа решенија за заштита на аеродроми, стадиони, јавни собири, од потенцијални терористички, или кој било друг вид на напади. Пред неполн месец, Kaspersky исфрли решение против овој вид на напад со дронови. Имаме и решенија за сателитска заштита, работиме и во автомобилската индустрија, особено во заштитата на паметните автомобили од хакери и злоупотреби. Сите решенија се резултат на долгогодишната посветена работа во која инвестиравме и никогаш нема да престанеме да иновираме. Иновацијата е во нашата крв, ги следиме трендовите и се стремиме да бидеме секогаш еден чекор понапред од оние со лоши намери.

Како Channel Sales Manager за нашиот регион во Kaspersky, колку сте задоволни од работењето со Кабтел, вашиот Платинум партнер за Македонија, со кого успешно го промовирате вашиот бренд повеќе од 18 години?

Со Кабтел соработуваме веќе 18-19 години, Кабтел веќе долги години е Платинум партнер, највисок статус што може да го имаат партнерите на Kaspersky. Кабтел го заслужува тоа, се издвојува над конкуренцијата со квалитет на работа и перформансите. Соработката е повеќе од одлична, нашиот партнер Кабтел има повеќе од 5 овластени инженери и над 30 активни инженерски сертификати. Тоа е она што му е потребно на секој краен клиент, секоја компанија треба да има партнер на кој може да се потпре, во непосакуваните ситуации, кои понекогаш стануваат реалност,  да имате партнер кој ќе ви даде моментална поддршка и ќе ви овозможи да продолжите да функционирате нормално.