Основи на блокчеин: Што е блокчеин и како може да ги смени нашите животи?
Што е блокчеин технологијата? Овој поим се користи многу често, но не добива доволно објаснување. Ако ги разберете основите на блокчеин ќе ги разберeте големите промени кои се случуваат онлајн. Блокчеин е камен темелник на криптовалутите и на NFTs (non-fungible tokens), но има и неколку други примени. Сѐ на сѐ, кога ќе сфатите како функционира технологијата за блокчеин, ќе дознаете и како евентуално ќе го смени начинот на кој ви се одвива секој ден. Блокчеин технологијата има голем потенцијал поради уникатниот, децентрализиран начин на кој управува со податоците, а тоа е првиот чекор кон разбирање како функционира.
Како функционира блокчеин?
Едноставен начин да се визуeлизира како функционира блокчеин е да се замисли еден стар тефтер. Секој запис во тефтерот е линк во синџирот. Со секој синџир има уникатен идентификатор наречен хеш и блокови податоци поврзани со него. Со тек на време се додаваат нови синџири, се надградува хешот со додавање нови блокови податоци во синџирот.
Сепак, најбитен аспект на блокчеин технологијата е тоа што децентрализирана. Десетици, стотици, илјадници или повеќе учесници во блокчеин ги следат и ги валидираат трансакциите поврзани со неа. Секој внес во блокчеин се валидира преку консензус, каде што индивидуални учесници во блокчеин мрежата мора да се согласат дека податоците во секој внес се точни. Учесниците во блокчеин мрежата можат да дојдат до консензус преку неколку различни модели, но најчесто се користат криптографски пресметки за да се валидира секој додаток во синџирот. На тој начин блокчеин технологијата ја отстранува потребата за централно надлежно тело кое ги надгледува трансакциите, како што е банката. Едноставно кажано, блокчеин го отстранува посредништвото и ги прави трансакциите поанонимни.
Учесниците во блокчеин мрежата добиваат мала сума криптовалути за трансакција како награда за нивните напори. Крипто рударење е поим кој означува „рудари“ кои поставуваат фарми од моќни, специјализирани компјутери кои учествуваат во блокчеин мрежата.
Блокчеин постои во приватна и јавна форма. Јавната е, како што кажува и самото име, кога секој може да учествува во блокчеин. Тие можат да читаат, да пишуваат или да валидираат податоци во блокчеин. Приватната блокчеин функционираат на принцип на покана и може да поставуваат правила за тоа кој може да влезе во мрежата.
Многу записи во блокчеин се податоци за финансиски трансакции поврзани со криптовалути.Сепак, записите може да содржат секаков вид на податоци: може да се чуваат документи, фотографии, податоци за логирање и сл. Дури и децентрализираните програми, познати како паметни договори, може да се складираат таму. Се на се, блокчеин технологијата значи многу повеќе отколку само криптовалути.
Како се користи блокчеин? Реални апликации на блокчеин
Најпрвин, блокчеин технологијата е срцето на криптовалутите. Секогаш кога се купува, продава и се заменува криптовалута, блокчеин технологијата ја олеснува трансакцијата. Сепак, мора да посочиме на неколку нови примени на оваа технологија, вклучувајќи:
- NFTs: Друга популарна примена на блокчеин е за NFTs (non-fungible tokens), кои често се користат за снимање и трансфер на сопственост на дигитални средства. На пример,.jpeg фотографии, видеа, дури и твитови, како тие што поранешниот извршен директор на Twitter, Џек Дорси, ги продаде за 2.9 милиони долари.
- Трансфер на средства од реалниот свет: Исто како што дигиталните средства може да се купат или продадат преку блокчеин, тоа може да се направи и со автомобилите и имотот. Блокчеин може да го провери сопственикот, да ја следи продажбата и преносот на сопственост кај купувачот.
- Медицина и наука: Докторите и истражувачите сега ја тестираат примената на блокчеин за безбедно собирање, проверка и размена на медицински податоци.
- Мониторинг на синџирот за набавка: Начинот на кој се запишуваат податоци во блокчеин е идеален за следење на патот на стоката до консументите. Автомобилските компании ја истражуваат оваа технологија за следење на патот на автомобилите од продавачите до купувачите и на целиот производствен процес. Во прехранебната иднустрија, пак, може да се следи храната од одгледувачите, транспортерите, продавачите на мало и големо до купувачите.
- 5G податоци: Бизниси, организации и цели градови почнуваат да ги прифаќаат уредите кои поддржуваат 5G за мониторинг на буквално сѐ – од системите за греење, преку медицинската опрема до сообраќајните сигнали. Блокчеин технологијата може да помогне да се провери автентичноста на податоците кои ги разменуваат тие уреди, што е особено битно за 5G уредите со кои се менаџира критична инфраструктура и бизнис операциите.
Позитивни и негативни страни на блокчеин технологијата
Блокчеин технологијата има неколку бенефити, но има и негативни страни. Со децентрализацијата се отстранува потребата од трети страни во трансакциите за верификација и надзор над трансакциите. Во случај на финансиски трансакции тоа значи дека нема потреба од банки, а во случај на пренос на сопственост на имот тоа значи дека нема потреба од агенции за недвижности. Сепак, ако има конфликт меѓу странките, нема централно авторитативно тело кое ќе го реши проблемот. Понатаму, децентрализацијата овоможува анонимност на странките, што значи дека може да се прикријат илегални активности, па затоа криптовалутите се омилена валута кај измамниците и илегалните пазари на црната мрежа.
Блокчеин технологијата е отворена, што, теоретски, значи дека секој со соодветно опремен уред може да генерира приходи како рудар во блокчеин економијата. Но, реалноста е дека голем дел од технологијата ја контролираат неколкумина. За почеток, тие уреди за рударење се многу скапи. Друго, потребни се стотици такви уреди за ефективно рударење. За да ви биде појасно, една студија покажа дека „топ 10% од рударите на биткоин контролираат 90%, а само 0,1% од рударите (околу 50 рудари) контролираат околу 50% од вкупниот капацитет за рударење“.
Освен тоа, тие компјутери трошат многу енергија. Тие фарми од компјутери работат на струја, а потребно е и многу енергија за да се разладуваат. Како резултат на тоа, рударењето криптовалути многу придонесува за загадувањето со стакленички гасови.
Слика и податоци со преземени од Digiconomist
Етереум е втората најголема криптовалута, која го смени начинот на кој се стигнува до консензус во блокчеин и како резултат на тоа троши многу помалку енергија. Се проценува дека карбонскиот отпечаток на етереум се намалил за 99.992% – од 11,016,000 на 870 метрички тони CO2.
Што се однесува на технологијата, сѐ уште е релативно рано и додека најголем дел на популарноста на блокчеин се должи на криптовалутите како биткоин, технологијата нуди многу повеќе од тоа. Се разбира, останува да видиме кои други примени ќе заживеат меѓу корисниците.
Блокчеин има и свои бариери, особено кога станува збор за безбедноста.
Како и секоја друга конектирана технологија, блокчеин е на мета на хакери и напади. Милијарди долари вредни криптовалути се украдени од индивидуални корисници и при размени во текот на годините.
Проблемот со безбедноста не е во самата блокчеин технологија. Таа е тешка за хакирање затоа што е енкриптирана и децентрализирана. Но, мрежите кои ги користи се подложни на напади, како што се напади со пресретнување трансакции и извлекување информации или криптовалути. Други напади вклучуваат преплавување на блокчеин мрежата со лажни идентитети, кои на крајот ќе го урнат системот. Уште повеќе се експлоатираат слабостите во протоколите за безбедност кои ги користат платформите за размена на криптовалути. Тука се и фишинг нападите, каде што измамниците ги лажат жртвите да им дадат лични енкриптирани податоци. Со таквите податоци измамниците можат да ги испразнат дигиталните паричници или да ја компромитираат приватната блокчеин мрежа и податоците во неа.
Јасно е дека иднината на оваа технологија е шпекулативна затоа што луѓето и организациите уште ја истражуваат примената на блокчеин. Но, несомнено е дека безбедноста ќе игра голема улога во профаќањето на блокчеин.
Што значи блокчеин технологијата за секојдневните интернет корисници?
Освен ако самите користите криптовалути, блокчеин веројатно нема да биде нешто што ќе го користите. Барем засега. Сепак, ќе го смени начинот на кој функционирате секој ден. Можеби ќе добиете пристап до посвежи продукти на пазар, ќе користите попаметни уреди или попаметна инфраструктура во градот. Можеби на производителот на вашиот автомобил ќе му даде можна алатка за откривање на дефектите во автомобилите.
Иако остануваат бариерите поврзани со безбедноста, потрошувачката на енергија, има големи шанси блокчеин да продолжи да ги менува нашите животи. А ако разберете како функционира, подобро ќе ги разберете и промените кои ќе следуваат.